Средба Османи - Грвала Шварц

30 јули 2021

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес во Скопје ѝ беше домаќин на заменик-премиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Доника Грвала-Шварц, која престојува во официјална посета на нашата држава.

За време на тет-а-тет средбата, како и за време на пленарните разговори на двете делегации, се разговараше за различни билатерални прашања од взаемен интерес, при што беше искажано задоволство од континуираниот политички дијалог и посветеноста за градење и продлабочување на добрососедските односи, во интерес на двете држави и неговата европска иднина.

„Тема на разговор беа и нашите заеднички амбиции: како од регионален аспект, за унапредување на регионалната соработка, така и во однос на евроатлантските амбиции на двете земји, чија иднина ја гледаме како полноправни членки на Европската Унија и НАТО“, нагласи Османи и ја пренесе искрената поддршка која Република Северна Македонија ја има за членството на Република Косово во евроатлантските механизми за соработка и интеграција.

Беше потврден интересот на двете Влади за што поскоро завршување на подготовките за одржување на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово, одложено поради парламентарните избори одржани во Косово, во почетокот на годината. Во рамките на седницата, се очекува да се потпишат и немал број на усогласени текстови на договори, со што значително ќе се унапреди договорната  рамка и отворат нови перспективи за соработка.

Постои усогласеност за потребата, фокусот во наредниот период да биде ставен на инфраструктурното поврзување во делот на транспорт и енергетиката, економијата и трговската размена, но и севкупно унапредување на соработката и во други области, како правдата, културата, здравството и други, беше нагласено на средбата.

 

Скопје, 30 јули 2021